Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ја обвини Русија за киднапирање на градоначалникот на Мелитопол, оценувајќи дека тоа е „нова фаза на терор“.
„Тие влегоа во нова фаза на терор, во која се обидуваат физички да ги ликвидираат претставниците на легитимните локални власти на Украина“, рече Зеленски во видео обраќањето.
Заменик-началникот на кабинетот на претседателот на Украина Кирил Тимошенко објави видео на кое се гледа како вооружени луѓе го носат градоначалникот Иван Федоров низ плоштадот. На 26 февруари, руските сили го освоија Мелитопол, кој има 150.000 жители.
Обвинителството на Народна Република Луганск, бунтовнички регион во источна Украина, чија независност ја призна Москва, го обвини Федоров на својата веб-страница за „терористички активности“.
Администрацијата на претседателот на САД, Џозеф Бајден, повикувајќи се на американското разузнавање, предупреди дека Русија планира да апси и убива целните луѓе во Украина.