Регионалната администрација на Киев објави дека има неколку опасни рути надвор од градот поради „жестоките борби“, вклучувајќи го главниот автопат на запад кон Житомир и градот Макарив, кој е на таа рута.
Исто така, се наведува дека областите на север сè уште се меѓу најизложените на најголема опасност, вклучувајќи ги предградијата Буча, Ирпин и Гостомел, како и областа Висород посеверно во однос на главниот град.
Администрацијата истакна, објави Си-Ен-Ен, дека се водат нови битки во населбите околу Бровари преку реката Днепар, источно од Киев.
„За денеска е планирана евакуација околу хуманитарните коридори од Буча, Ирпин, Гостомел и Бороѓанка“, соопшти управата по вчерашниот ограничен успех во евакуацијата на цивилите од овие области.
Во меѓувреме, градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, на украинската телевизија изјави дека „клучната цел на Русите е да го освојат Киев“.
„Нивната задача од првиот ден на војната е да го опкружат Киев, да го опкружат и потоа да продолжат да напаѓаат и да ја менуваат власта. Нивните планови не се реализираа, благодарение на нашите момци кои сега се во Буча, Ворзел, Ирпин, Гостомел, каде што се водат жестоки битки. Нашите момци ги попречуваат сите планови за опкружување на Киев“, рече Кличко.
Тој зборуваше и за бегалците кои го напуштаат Киев.
„Киев снемува жители секоја секунда, сега има нешто помалку од два милиони луѓе во градот“, рече градоначалникот, додавајќи дека Киев „сега стана тврдина, секоја улица и секоја зграда“.