Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борељ, ја оправда одлуката за забрана на работата на руските државни медиуми во Европската унија, бидејќи тие се составен дел од руската агресија врз Украина и напорите за распаѓање на Унијата и поткопување на европската демократија.
– Руските државни медиуми и екосистемот околу нив се составен дел од агресијата против Украина – изјави Борељ во дебатата во Европскиот парламент за надворешното мешање во демократските процеси во ЕУ.
Руско Министерство за одбрана: Нашата армија уништи 258 воени објекти во Украина
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност во обраќањето до европратениците ги отфрли критиките дека забраната за „Русија денес“ и „Спутник“ е кршење на правата.
Оружје во екосистемот за манипулација на Кремљ
– Тоа не се независни медиуми, туку оружје во екосистемот на манипулација на Кремљ – нагласи тој и додаде дека Русија лаже за војната и за страдањата на украинскиот народ.
Тој рече дека е важно да се заштити информативниот простор.
– Не се обидуваме да одлучуваме што е точно, а што не, немаме министерство за вистина, но мора да се фокусираме на надворешни актери кои намерно и координирано се обидуваат да манипулираат со нашиот информативен простор за свои цели и да ни наштетат – објасни Борељ.
Во извештајот, меѓу другото, се предупредува дека областа на Западен Балкан е особено цел на манипулации од Русија, но и од Кина.
Русија се обидува да ги искористи тензиите меѓу етничките групи во Западен Балкан за да поттикне конфликти и да ги подели заедниците, што може да го дестабилизира целиот регион, се вели во извештајот.