Додека многумина ги прекинуаат, Венецуела го зголемува бројот на летови до Русија

Сподели со своите пријатели

Венецуела ќе го зголеми бројот на летови на својата државна авиокомпанија до Москва бидејќи многу земји го затвораат воздушниот простор за руските авиони по инвазијата на Украина, изјави во четвртокот венецуелскиот министер за туризам.

„Венецуела е подготвена да продолжи да прима руски туристи“, објави министерот Али Падрон на Твитер по телефонската средба со шефицата на руската Федерална агенција за туризам, Зарина Догузова.

Двете страни се согласија да „гарантираат континуитет на летовите (меѓу Русија и Венецуела) на венецуелската авиокомпанија Конвиас“, рече истиот извор.

 

 

Бројот на руски туристи во Венецуела нагло скокна во мај 2021 година, кога Венецуела и Русија, големите сојузници, воведоа директна врска меѓу Москва и Каракас, а три месеци подоцна лет до островот Маргарита на исток, со исклучително убава природа и плажи.

Од почетокот на воената операција во Украина пред девет дена, Западот воведе низа санкции кон Русија, вклучително и затворање на воздушниот простор на неколку земји за руските авиони.

Москва е важен сојузник на Венецуела уште од времето на покојниот претседател Уго Чавез (1999-2013).

 

 

Пријателските врски продолжија и за време на мандатот на претседателот Николас Мадуро, кој го поддржуваше рускиот претседател, нарекувајќи ги санкциите „злосторство“ и „лудост“, додека сè уште се залагаше за продолжување на мировните преговори со Украина.