Јапонскиот премиер Фумио Кишида изјави дека неговата земја ќе ги санкционира руските олигарси и белоруски функционери, вклучително и белорускиот претседател Александар Лукашенко, за руската инвазија на Украина, пренесува Си-Ен-Ен.
Тој на прес-конференцијата во четвртокот рече дека Јапонија ќе го замрзне имотот на олигарсите откако во неделата беше донесена одлука за суспендирање на финансирањето на рускиот претседател Владимир Путин и другите клучни руски владини претставници.
Јапонија, исто така, ќе забрани финансиски трансакции со седум големи руски банки, ќе ги ограничи трансакциите со Централната банка на Русија и ќе ги заостри контролите на извозот на стоки под меѓународна контрола.
Јужна Кореја одобри 10 милиони долари хуманитарна помош за Украина
„Ние, заедно со западните земји, денеска ги презедовме неопходните домашни мерки за да ја изолираме Русија од меѓународниот финансиски систем и глобалната економија“, изјави Кишида за новинарите во четвртокот.
Јапонија, исто така, ќе воведе санкции кон Белорусија, вклучително и претседателот Лукашенко и високи функционери, за поддршка на руската воена агресија, рече Кишида, осудувајќи ја одлуката на Белорусија да дозволи руските војници да влезат во Украина преку територијата на земјата.