Градоначалникот на Херсон Игор Колихаев објави статус на својот официјален Фејсбук профил во кој сугерира дека градот е под руска контрола.
Според Би-Би-Си, тој напишал дека во канцеларијата на градската влада денеска имало вооружени посетители, мислејќи на руски војници и дека им рекол дека во градот нема украински војници, туку само цивили кои сакаат да живеат тука.
Тој додаде дека руските сили воведоа полициски час од 20 до 6 часот наутро, но дека возилата со храна и лекови ќе бидат дозволени да влезат во градот.
Тој исто така напиша, пренесува Би-Би-Си, дека автомобилите во градот мора да возат со минимална брзина и дека на пешаците им е забрането да се движат во групи од повеќе од две лица.
– Досега добро. Украинското знаме сѐ уште е над нас. А за да останеме така, мора да ги почитуваме овие барања – напиша тој.
Би-Би-Си додава дека не може да ги потврди овие наводи, но веќе во текот на денот пристигнала информација дека Херсон е во руски раце, што Украинците го демантираа.