Францускиот претседател Емануел Макрон за време на говорот на националната телевизија за ситуацијата во Украина рече дека руските трупи го бомбардираат Киев, и дека многу бегалци биле принудени да избегаат во соседните европски земји.
Тој апелираше до француските граѓани што поскоро да ја напуштат Украина.
Макрон рече и дека ќе продолжи да бара прекин на огнот и дека неговата земја ќе продолжи да го штити суверенитетот на Украина.
Францускиот претседател ја поздрави храброста на Украинците кои се соочуваат со војната, а потоа додаде дека Путин е единствениот што избрал војна.
„Деновите што следат веројатно ќе бидат потешки“, рече Макрон.
Тој исто така рече дека ќе продолжи да се обидува да остане во контакт со Путин, а потоа повтори дека Франција не е во војна со Русија.
„Неколку стотици војници се испратени во Романија“, рече францускиот претседател.
Макрон посочи и дека европската одбранбена стратегија треба да влезе во нова фаза, како и дека ќе се зголемат инвестициите во одбраната.
Франција ќе се обиде да ги заштити своите економски интереси поради новонастанатата ситуација, како и да ја намали зависноста од рускиот гас, додаде Макрон.