Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални ги повика денеска Русите да организираат секојдневни протести против воената кампања на Москва во Украина, изјави неговата портпаролка Кира Јармиш.
„Алексеј Навални ги повика луѓето да излезат и да протестираат против војната секој ден во 19:00 часот и за време на викендите во 14:00 часот. На главните плоштади во вашите градови, каде и да сте“, објави Кира Јармиш на Твитер.
„Ние – Русија – сакаме да бидеме нација на мирот. Но, малкумина би нè наречеле така сега“, напиша Навални, кој издржува затворска казна во високо безбеден затвор источно од Москва, пренесува Радио Слободна Европа (РСЕ).
– Но, Русите треба „барем да не станат нација на исплашени тивки луѓе“ кои се преправаат дека не ја забележуваат војната. Тоа е третата деценија на 21 век, а ние ги гледаме вестите за луѓе кои горат во тенкови и бомбардирани куќи“, рече Навални.
Неговото движење претходно повика на кампања за граѓанска непослушност во знак на протест против руската инвазија на соседна Украина.
Навални, најистакнатиот критичар на рускиот претседател Владимир Путин, беше затворен минатата година откако се врати во Русија од Германија, каде што се опоравуваше од наводниот обид да биде отруен со нервен агенс во затвор во Сибир, што Русија го негираше.
РСЕ потсетува дека илјадници руски граѓани излегоа на протести во многу градови низ земјата, барајќи прекин на војната во Украина.
За време на протестите беа приведени повеќе од 4.000 луѓе, соопшти организацијата за човекови права ОВД-Инфо.