Твитер најави дека ќе ги почитува санкциите на Европската унија наметнати на руските државни медиуми РТ и Спутник штом оваа одредба стапи во сила, објави во вторникот социјалната мрежа.
„Санкциите на Европската унија веројатно ќе бараат од нас, преку правни мерки, да ограничиме одредени содржини во земјите-членки“, рече портпаролот на Твитер во изјавата испратена до Ројтерс преку е-пошта.
„Имаме намера да ја исполниме оваа наредба веднаш штом стапи во сила“, додаде тој.
Комесарот за внатрешен пазар на Европската унија, Тиери Бретон, во вторникот изјави дека Европската комисија очекува одобрение од земјите-членки за забрана на руските државни медиумски содржини до крајот на денот.
Твитер најави дека ќе продолжи да ја ограничува видливоста на овие содржини, како и да ја означува надвор од ЕУ.
Facebook, Google, YouTube и TikTok исто така најавија дека ќе го блокираат пристапот до RT и Sputnik на нивните платформи во ЕУ. Мета, која е сопственик на Фејсбук, во вторникот објави дека ги санкционира руските државни медиуми и на глобално ниво.