Унгарија нема да дозволи пренос на оружје во Украина преку нејзина територија

Сподели со своите пријатели

Унгарија во понеделникот соопшти дека нема да дозволи трансфер на оружје за Украина преку нејзина територија по одлуката на Европската унија и земјите-членки да испратат воена помош за Украина, пренесе новинската агенција Бета, повикувајќи се на АФП.

Loading...

„Нема да дозволиме пренос на смртоносно оружје преку унгарска територија“, рече унгарскиот министер Петер Сијарто на Фејсбук.

Одлуката е донесена со цел да се обезбеди безбедноста на Унгарците и во нивната земја и на границата со Украина, рече тој.

„Овие испораки лесно можат да станат цели на воени напади. Нашата најважна задача е да ја гарантираме безбедноста на државата и на унгарското население и затоа не треба да се вклучуваме во војната што се одвива покрај нас“, додаде тој.

Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел најави дека ЕУ ќе деблокира 450 милиони евра за финансирање на купување и испорака на оружје од земјите-членки за Украина.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан се обиде да одржува блиски врски со Русија, но Унгарија им се придружи на другите земји од ЕУ во воведувањето санкции кон Москва.

Унгарската влада, позната по својата политика против мигрантите, ги отвори границите за Украинците кои бегаат од војната. Според Високиот комесаријат на ОН за бегалци, речиси 85.000 луѓе ја минале границата и дошле во Унгарија.