Министрите за внатрешни работи на ЕУ денеска ќе се состанат на итни разговори за тоа како да се справат со големиот прилив на бегалци од Украина, од кои десетици илјади луѓе бегаат преку граница во Полска, Унгарија, Романија и други земји.
Агенцијата за бегалци на ОН (УНХЦР) денеска во порака на Твитер наведе дека од почетокот на руската инвазија во четвртокот, повеќе од 368 илјади бегалци побегнале од борбите во Украина во соседните земји и дека тој број продолжува да расте.
ОН соопштија дека бројот на бегалци може да достигне четири милиони како што се шират борбите.
На состанокот во Брисел, министрите ќе разговараат за тоа како да се прифатат луѓето, како да се справат со безбедносните предизвици што конфликтот ги поставува на надворешните граници на ЕУ и каква хуманитарна поддршка може да и се обезбеди на Украина.
Жените, децата и постарите лица најмногу пристигнуваат на границите со соседните земји од Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски најави општа мобилизација со која се забранува заминување на мажи на возраст од 18 до 60 години за да можат да се борат против руските сили.