Кремљ во петокот објави дека ѝ предложил на Украина преговори во белорускиот главен град Минск, но нагласи и дека Украина во моментов не дава одговор, откако побарала да се одржи средба во Варшава.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека дошло до прекин во комуникацијата бидејќи Украинците направиле „долга пауза“.
За време на паузата, украинските националисти, вели тој, распоредиле ракетни системи во поголемите градски области.
Песков не достави докази за да го поткрепи тоа тврдење, но смета дека тоа е многу опасен развој на настаните.
Украинските власти сѐ уште не ја коментираат изјавата на портпаролот на Кремљ.
Претходно во петокот Кремљ објави дека рускиот претседател Владимир Путин е подготвен да испрати делегација во белорускиот главен град Минск на разговори со претставници на Украина.
Песков изјави за руските новински агенции дека Русија е подготвена да испрати делегација во која ќе има претставници на Министерството за надворешни работи и за одбрана.
Минск и дозволи на Русија да ја користи белоруската територија за да ја нападне Украина.
Кремљ систематски одбиваше разговори со Украина и покрај постојаните барања на украинскиот претседател Володимир Зеленски пред да започне инвазијата во четврток.
Украинскиот претседател неколку часа пред почетокот на руската инвазија изјави дека залудно се обидувал да стапи во контакт со Путин.