Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на прес-конференција изјави дека „никој не планира да ја окупира Украина“, пренесе руската новинска агенција Интерфакс.
„Сакаме да го демилитаризираме и да го ослободиме од угнетувањето“, рече Лавров.
На прашањето дали Русија сака да ја собори владата во демократска држава, Лавров имплицираше дека Украина не може да се нарече демократска. Тој рече дека Русија „сѐ уште не ја признава украинската влада како демократска во моментов“.
„Путин одлучи да ја демилитаризира и денационализира Украина“
Лавров рече дека украинскиот претседател Володимир Зеленски лажел кога рекол дека е подготвен да разговара за неутралниот статус на Украина.
Лавров, исто така, рече дека Русија ќе изврши демилитаризација на Украина, но не гледа можност да ја признае сегашната украинска влада како демократска. Тој нагласи дека Москва не сака Украина да биде управувана од „неонацисти“. Тој додаде дека „Русија е подготвена да разговара со Украина доколку украинската армија го остави оружјето“.
„Претседателот на Руската Федерација одлучи да спроведе специјална воена операција за демилитаризација и денационализација на Украина за да можат Украинците, ослободени од угнетување, слободно да одлучуваат за својата иднина“, изјави Лавров на прес-конференција во Москва.
Кремљ: Се подготвувавме за санкции
Кремљ денеска соопшти дека санкциите воведени кон Русија поради нападот на Украина ќе и направат проблеми на Москва, но и дека тие проблеми ќе бидат решени.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков одби да коментира за можните санкции против претседателот Владимир Путин, додавајќи дека Русија намерно ја намалила зависноста од увозот за да се заштити од заканата од санкции.
Русија ја започна својата инвазија по копно, воздух и море во четвртокот по објавувањето на војна од страна на претседателот Владимир Путин, што е најголемиот напад врз европска земја од Втората светска војна.

