Во Брисел започна вонреден самит на лидерите на ЕУ 27, посветен на кризата во Украина и одговорот на ЕУ на руската воена интервенција.
Се очекува во текот на вечерта лидерите на ЕУ да донесат политичка одлука за новиот пакет санкции што би требало „силно да ја погоди руската економија“ и за кој Брисел оценува дека ќе биде „најсилниот пакет санкции што Унијата некогаш го усвоила“.
Пакетот санкции на лидерите ќе им го претстави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Овој пакет ќе ги таргетира стратешките сектори на руската економија и ќе го забрани пристапот до технологии и пазари кои се клучни за Русија. Ќе ја ослабиме руската економска база и способност за модернизација. Дополнително ќе ги замрзнеме руските средства во ЕУ и ќе го прекинеме пристапот на руските банки до финансискиот пазар на ЕУ“, рече Лајен.
Европскиот совет наведува дека лидерите на состанокот присуствуваат без електронски уреди или мобилни телефони со цел да се обезбеди целосна доверливост на дискусијата.
Вечерашната одлука на лидерите за санкции против Русија треба и официјално да биде усвоена од шефовите на дипломатиите на ЕУ на утрешната средба на Советот на ЕУ во Брисел.
Истовремено со почетокот на самитот на лидерите на ЕУ, седиштето на Европската комисија во Брисел беше осветлено со украинско знаме за поддршка на Украина и на украинскиот народ.

