Скокнаа цените на златото и паладиумот

Сподели со своите пријатели

Цените на златото и паладиумот нагло пораснаа на меѓународните пазари во четвртокот по рускиот напад врз Украина што ги поттикна инвеститорите да го насочат капиталот во сигурни средства.

Цената на унца злато утрово на физичкиот пазар порасна за 1,8 отсто, на 1.941,50 долари и накратко го допре највисокото ниво од јануари минатата година, од 1.948,77 долари.

Кај фјучерсите на американскиот пазар, тој беше за 1,7 отсто поголем на 1.943,20 долари.

Според претседателот Владимир Путин, Русија во средата вечер започнала „специјална воена операција“ во Украина. Киев објави дека проектили паѓаат врз градовите и дека колони војници се слеваат на територијата на регионите во источна Украина.

Руски војници по море пристигнуваат и во Одеса и Мариупол на југ, објави Украина.

„Златото е безбедно засолниште за инвестиции, како и американскиот долар, а денес е неговиот ден. Неговата цена може да достигне ново рекордно високо ниво“, рече Џефри Хали од ОАНДА.

Порасна за околу осум отсто од почетокот на месецот бидејќи руско-украинската криза го намалува апетитот на инвеститорите за ризични средства.

Скапоцениот метал може да го заврши овој месец во најголем плус од јули 2020 година, забележува Ројтерс.

Русија е трет по големина производител на злато во светот

Русија е трет по големина производител на злато во светот, а рускиот Норникел е главен производител и на паладиум и на платина.

Цената на паладиумот утрово на физичкиот пазар порасна за три отсто, на 2.557,34 долари за унца и накратко го допре највисокото ниво од август минатата година.

Цената на платината се зголеми за 1,5 отсто, на 1.108,04 долари. Среброто поскапе за 2,1 отсто на 25,04 долари за унца.