На Североисточниот регион му недостигаат машински и електро техничари (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Машински и електротехничари, електромонтери, ова се струките во кои има недостаток на работници во Куманово и генерално Североисточниот плански регион, покажале анализите на Стопанската комора на Македонија.

Ова денеска го истакна Наташа Јаневска од Стопанската комора, присуствувајќи на дијалогот за унапредување на стручното образование во Куманово.

– Правиме секоја година анализи и врз основа на анализите на годишно ниво, во овој дел најмногу е барана машинската струка, машински техничар, електротехничар, електромонтер. Значајно е што сега имаме побарување од земјоделската и прехрамбена индустрија и повеќе да вложуваме во агротехничари и земјоделски техничари со цел да ја потикнеме земјоделската дејност, истакна Јаневска.

 

 

Како што посочи таа, значителна е и ИТ струката, која со пандемијата стана сѐ побарана.

Од друга страна вишок на кадар има во медицината и економијата. Медицинската струка, според Јаневска е барана, но не за домашни, туку за странски пазари.

– Вишок на кадри имаше во медицинската струка, меѓутоа зборувам дека таму најмногу се запишуваат, имаше од економската струка, но со сегашните анализи економската струка станува барана, медицинската струка станува барана повторно, но не за нашите потреби, туку за да одат во странство и не сакам да ги ставам во комплет кадар што им е потребен на компаниите, истакна Јаневска.

Никола Ивановски / Стефан Младеновски