Прифатени жалбите за градски превоз, одредени стопанственици се посилни од законот, вели Димитриевски (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Најголемите приградски населби во Куманово и натаму ќе останат без јавен градски превоз, откако второстепената комисија при Министерството за транспорт и врски ги прифатила жалбите поднесени од одредени стопанственици.

Постапката сега ќе се повторува, односно ќе се распише нов оглас за избор на оспорените линии, но и оние за кои на првиот оглас немаше заинтересирани превозници.

Според градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски, одредени стопанственици се над законот.

– За жал постапката не е завршена во целост, дел од жалбите кои се поднесени на постапката од второстепена комисија се прифатени, што значи постапката ќе се повтори, ќе одиме на јавно наддавање за спорните линии и ќе бидат распишани нови линии за оние кои се нема пријавено никој. Мора да потенцирам дека во пракса се покажува една работа, дека одредени правни субјекти и стопанственици се посилни од законот, изјави Димитриевски.

 

 

Жалбените постапки траат 15 дена, а како што истакна градоначалникот, одговор од второстепената комисија пристигнал последниот ден.

– Не сакам да ја коментирам одлуката на второстепената комисија, но повторно се покажува во пракса дека некои приватни субјекти се посилни од системот и едноставно многу е тешко во такви моменти да излезете на крај со нив, рече тој.

Според Димитриевски, недозволиво е одредени превозници да не ги почитуваат линиите на кои нема да одат редовно, а и да пристигаат забелешки од граѓаните дека возилата се стари.

– Не се работи за едно возило, се работи за поголем број превозници и возила, некои се дрзнуваат да даваат насоки на одреден превозник кој каде и како ќе стопанисува и вози. За тоа ќе има посеопфатна истражна постапка за која ќе бидат информирани надлежните државни органи. Ќе се борам против овој процес и нешто што се случува во оваа општина и никој нема да биде над законот, истакна Димитриевски.

Причина што второстепената комисија ги прифатила жалбите, било то кај еден од избраните понудувачи имало технички пропуст или недостаток на еден документ. Тоа друг понудувач го оспорил и постапката се враќа од почеток.

Колку ќе трае постапката, засега не е познато.

– Не можам да преудицирам кога постпаката ќе заврши, бидејќи во секоја постапка има 15 дена и дополнително период на жалба. Кога немате јавно претпријатие, кога немате сопствени автобуси како град, ниту општина Куманово ја имаа таа привилегија, како градот Скопје што доби кредит од Владата да купи возила, ние го обезбедуваме на начин на кој можеме и толку можеме. Имате фирми кои во континутет ја вршат оваа услуга, побаравме од нив да го зголемат квалитетот на возилата и тоа не се случи или се случи само на хартија, а не во пракса и нема да почитуваме такви договри, ќе бараме да се држат до законот, рече Димитриевски.

Што се однесува до училишниот превоз, Димитриевски вели дека тоа е посебна постапка и директорите на основните и средни училишта сами треба да склучат договори со превозниците.

Жалбена постапка беше покрената за линиите Зелен рид – Железничка станица, Бедиње – Доброшане, Карпош – Железничка стнаица и Бедиње – Тромеѓа.

Никола Ивановски / Стефан Младеновски