Москва е подготвена за отворен и искрен дијалог во меѓународните односи и дипломатско решение за најкомплицираните прашања, но за интересите и безбедноста на Русија не може да се преговара, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин во обраќањето по повод Денот на бранителите на татковината.
„Обезбедувањето на одбранбениот капацитет на нашата земја останува приоритет на државата, а вооружените сили служат како гаранција за националната безбедност, мирниот живот на нашите граѓани, стабилен, постепен развој на Русија“, рече Путин во телевизискиот говор на 23 февруари, Руски ден на бранителите на татковината.
Тој ја истакна сложената меѓународна ситуација и безбедносните предизвици за Русија, „како што е дестабилизацијата на системот за контрола на вооружувањето или воените активности на НАТО“ и нагласи дека „повикот на Русија да создаде систем на еднаква и неделива безбедност кој ќе ги заштити сите земји остана без одговор“.
„Нашата земја е секогаш отворена за директен и искрен дијалог и барање дипломатски решенија за најкомплицираните прашања, но морам да повторам дека интересите на Русија и безбедноста на нејзините граѓани се безусловни“, рече Путин.
Рускиот претседател, исто така, рече дека Москва „ќе продолжи да ги развива и подобрува армијата и морнарицата и ќе ја зголеми нивната ефикасност“ поради таа причина, според ТАС С.

