Канадскиот премиер Џастин Трудо во вторникот ја претстави првата рунда економски санкции кон Русија, еден ден откако Москва ја призна независноста на двете самопрогласени проруски републики во источна Украина, јавува Анадолија.
Зборувајќи на прес-конференција, Трудо рече дека Канада „остро го осудува“ потегот на рускиот претседател Владимир Путин во врска со Луганск и Доњецк.
„Не се залажувајте. Ова е натамошна инвазија на суверена држава и е апсолутно неприфатливо. Руските провокации се закана за безбедноста и мирот во светот“, рече Трудо.
Трудо рече дека „првата рунда“ санкции вклучува забрана за Канаѓаните да имаат какви било финансиски зделки со Луганск и Доњецк. На Канаѓаните исто така им е забрането да водат финансиски бизнис со две руски банки.
Трудо рече дека Канада, исто така, ги санкционира сите членови на рускиот парламент кои го следеа раководството на Путин и гласаа за признавање на двата сепаратистички региони.
Канадскиот премиер најави и дека неговата земја испраќа 460 војници во Украина.
Русија ги призна украинските сепаратистички региони, таканаречените републики Доњецк и Луганск. Лидерите на Европската унија и НАТО, како и бројни земји, остро го осудија чинот на Путин, ја повторија својата поддршка за Украина и најавија заедничка реакција.

