Иран вратил 820.000 дози вакцини против коронавирус донирани од Полска, бидејќи биле произведени во САД, објави денеска иранската државна телевизија, пренесува Бета.
Официјалниот претставник на иранското Министерство за здравство, Мохамад Хашеми, рече дека Полска донирала околу милион дози од вакцината AstraZeneca, но кога пристигнале во Иран, се дознало дека 820.000 дози се од Соединетите Американски Држави.
Тој рече дека по „разговорите со полскиот амбасадор во Иран, одлучено е да се вратат вакцините“.
Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, кој го има последниот збор за сите државни прашања, во 2020 година отфрли секаква можност американски или британски вакцини да влезат во неговата земја.
Со повеќе од 135.000 смртни случаи од КОВИД-19, според официјалните бројки, Иран има најголем број смртни случаи на Блискиот Исток.