Москва е подготвена да постави воени бази во самопрогласените Народни републики Доњецк и Луганск, доколку е потребно, изјави денеска рускиот заменик-министер за надворешни работи Андреј Руденко.
„Немаше разговори за никакви бази, но сè ќе се направи доколку е потребно“, нагласи високиот руски дипломат, додавајќи дека указот за признавање на републиките во Донбас предвидува таква можност, пренесува ТАСС.
Рускиот претседател Владимир Путин во понеделникот објави дека Москва го признава суверенитетот на самопрогласените Народни републики Доњецк и Луганск и дека Русија потпишала договори за пријателство, соработка и взаемна помош со нивните лидери.
Путин му нареди на Министерството за надворешни работи да воспостави дипломатски односи со ДНР и ЛНР и Министерството за одбрана за да се обезбеди мир на нивните територии, јави ТАСС.