Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави дека Киев го квалификува руското признавање на самопрогласените републики во Донбас како повреда на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.
Зеленски во видеообраќањето до граѓаните посочи дека целата одговорност за последиците во врска со споменатите одлуки е на политичкото раководство на Русија, пренесува РИА Новости.
Според него, руското признавање на независноста на самопрогласените републики во Донбас значи и повлекување од договорите од Минск. Зеленски посочи дека меѓународно признатите граници на Украина ќе останат исти.
„Ние и нашата земја немаме време за долги предавања за историјата, затоа нема да навлегувам во минатото. Ќе зборувам за реалноста и иднината. Украина е во нејзините меѓународно признати граници и ќе остане таква, и покрај какви било изјави и постапки на Руската Федерација“, рече Зеленски.
Тој додаде дека Киев е посветен на мирот и ќе продолжи со дипломатските напори и по одлуката на Руската Федерација да ги признае републиките во Донбас.
Претседателот на Украина оцени дека со одлуката за признавање на независноста на ДНР и ЛНР, Москва ги легализира своите војници кои, како што тврди, се во Донбас од 2014 година.
Зеленски посочи дека украинските граници се заштитени и дека меѓународните партнери го поддржуваат Киев.