САД ги предупредија Обединетите нации дека имаат информации дека Русија има списоци на Украинци кои ќе бидат „убиени или испратени во концентрациони логори“ во случај на инвазија, се вели во писмото до шефот на ОН за човекови права, до кое АФП имал пристап во недела.
Во писмото, кое пристигнува во време кога Вашингтон предупредува за неизбежна инвазија на руските трупи собрани во близина на украинската граница, се вели дека САД се „длабоко загрижени“ и предупредуваат на потенцијална „катастрофа кога станува збор за кршење на човековите права“.
Соединетите Држави имаат „веродостојни информации кои укажуваат дека руските сили прават списоци на Украинци кои ќе бидат убиени или испратени во кампови по воената окупација“, се вели во писмото.
„Исто така, имаме веродостојни информации дека руските сили најверојатно ќе користат смртоносни мерки за да ги растераат мирните протести или на друг начин да се спротивстават на мирниот отпор на цивилното население“, се вели во пораката на високиот комесар на ОН за човекови права Мишел Бачелет.
Нотата, потпишана од Батшеба Нел Крокер, амбасадорот на САД во ОН во Женева, предупредува дека руската инвазија на Украина може да донесе злоупотреби како што се киднапирања или тортура и може да ги таргетира политичките неистомисленици, и верските и етничките малцинства, меѓу другите.
Русија собра повеќе од 150.000 војници во близина на границите на Украина во последните недели, според САД и западните сојузници.
Москва негира дека планира напад врз својот сосед, но бара гаранции дека Украина никогаш нема да се приклучи на НАТО и дека западната алијанса ќе ги отстрани силите од Источна Европа, што Западот категорично го отфрла.