Бројот на руски војници на границата со Украина се зголемува, а можен напад е се поизвесен, изјави во четвртокот генералниот секретар на НАТО по средбата со британскиот премиер Борис Џонсон во Брисел.
„Ова се опасни времиња за европската безбедност“, рече Јенс Столтенберг на заедничката прес-конференција.
„Бројот на руски војници се зголемува. Можен напад е се поизвесен“, предупреди тој.
„НАТО не е закана за Русија, но мора да бидеме подготвени на најлошото, додека веруваме во политичко решение“, нагласи тој.
Столтенберг рече и дека Русија мора да избере помеѓу дипломатско решение на кризата од една страна или санкции и зголемено присуство на силите на НАТО на источното крило.
„Русија има избор: тие можат или да изберат дипломатско решение – а ние сме подготвени да седнеме – но ако изберат конфронтација, ќе платат висока цена“, рече Јенс Столтенберг.
„Ќе има економски санкции. „Ќе има зголемено воено присуство на НАТО во источниот дел на Алијансата, а Обединетото Кралство е важен дел од тоа“, рече тој.
Џонсон рече дека украинската криза е најопасниот момент и дека е важно работите да се направат правилно во наредните денови.
„Искрено не верувам дека одлуката е веќе донесена (во Москва). Но, тоа не значи дека е невозможно нешто навистина катастрофално да се случи многу брзо“, рече Џонсон. „Ова е веројатно најопасниот момент“, рече тој, нарекувајќи ја ситуацијата „најголемата безбедносна криза во Европа“ во која е важно да се дејствува правилно, комбинирајќи санкции, воено решение и дипломатија.
Јенс Столтенберг, исто така, рече дека испратил писмо до рускиот министер за надворешни работи, нудејќи му разговори за поголема транспарентност околу воените вежби што Русија ги започна со Белорусија во четвртокот, како и разговори за контрола на нуклеарното оружје.