Во Австрија денеска стапи на сила задолжителната вакцинација против коронавирус за сите граѓани кои живеат во таа земја.
Со стапувањето во сила на Законот, сите полнолетни граѓани со пријавување на живеалиште во Австрија ќе мора да се вакцинираат против корона вирусот.
Тој закон ќе остане на сила до 31 јануари 2024 година.
Австрискиот парламент на 20 јануари го усвои Законот за задолжителна вакцинација, а истото го направи и Покраинскиот дом во четвртокот, по што беше потпишан од претседателот на Австрија Александар ван дер Белен и канцеларот Карл Нечамер, а беше објавен вчера попладне во Службен весник.
Од задолжителната вакцинација се ослободени само бремените жени и лицата кои не можат да се вакцинираат од медицински причини, како и лицата кои прележале Ковид-19 во последните 180 дена.
Во првата фаза, која трае до средината на март, нема да има казни, туку само информирање на граѓаните за обврската да се вакцинираат.
Австриската полиција од 16 март ќе го проверува статусот на вакцинација на граѓаните при вообичаените контроли.
За непочитување на законот е предвидена глоба од 600 до 3.600 евра.
Имено, кој ќе биде „фатен“ невакциниран, доколку веднаш ја прифати казната, ќе биде казнет до 600 евра, а доколку поднесе жалба ќе треба да смета на казна до 3.600 евра.
Министерството за здравство допрва треба да донесе уредба со која детално треба да се дефинираат исклучоците, како и вакцините што ќе се примаат.
Австрија е првата земја во ЕУ која воведе општа задолжителна вакцинација.
Исто така, од денеска стапи на сила постепеното олеснување на епидемиолошките мерки.
Како што соопшти Владата, работното време на гастрономијата е продолжено од 22 на 24 часот.
Дополнително, променето е правилото за собири.
Ова го зголеми максималниот број на луѓе од 25 на 50 на собири без седишта.
Со него се укинува и, за манифестации, примената на правилата „2G +“ и „booster +“, според кои јавноста требаше да е вакцинирана, или „бустирана“ и да има негативен ПЦР тест.
Отсега на настаните важат правилото „2G“ и обврската за носење FFP2 маска.