Кумановско – осоговската епархија соопшти дека го пријавила во полиција оштетувањето и грабежот на манастирот Успение на Пресвета Богородица во селото Матејче.
– Подолго време е цел на вандализам и кражби. Во изминатите денови, целосно е откриен и украден оловниот кров, со што храмот, целосно е препуштен на надворешните атмосферски влијанија, истиот е во опасност да биде неповратно уништен. Манастирот Успение на Пресвета Богородица во селото Матејче е прогласен за споменик на културата во опасност, и потребна е итна интервенција од страна на стручните служби во Министерството за култура, стои во соопштението на епархијата.
Како што појаснуваат од КОЕ, за да се спречи понатамошното уништување и повторно да се врати сјајот на овој манастир во состојба како што беше пред 2001 година, Македонската Православна Црква – Кумановско-осоговската епархија поднесе Пријава за извршена кражба до Министерството за внатрешни работи, и Барање за итно интервенирање до Министерството за Култура, Управата за заштита на културното наследство и Националниот конзерваторски центар.
– Во координација со сите институции во државата кои имаат ингеренции за спроведување на законите и владеење на правото, се надеваме дека ќе успееме да го зачуваме Манастирот Успение на Пресвета Богородица во Матејче од негово неповратно уништување, стои во соопштението.
Денеска со информација излезе и Секторот за внатрешни работи Куманово, од каде информираат дека случајот е пријавен и екипа извршила увид на местото на настанот.
– На 31.01.2022 во 10.45 часот во СВР Куманово било пријавено дека во црква во село Матејче било извршено оштетување на кровната конструкција и биле одземени предмети. Екипа од СВР Куманово извршила увид на место на настанот и се преземаат мерки за расчистување на случајот, велат од кумановската полиција.
Инаку, како што дознава порталот Кумановски Муабети од неофицијални извори, Општина Куманово има поднесено барање Министерството за култура да им го отстапи на управување манастирот со цел локалната самоуправа да изнајде начин да го заштити овој храм и споменик на културата.
Неофицијално, денеска во посета на манастирот требаше да биде министерката за култура, но истата е одложена поради лошите временски услови.
Инаку, манастирот во селото Матејче во септември 2020 година беше прогласен за културно наследство во опасност, а во ноември истата година започнаа и козерваторски интервенции со цел негова заштита, но колку од тие интеревенции биле успешни засега не е познато.
Никола Ивановски
Легендата за манастирот „Света Богородица“ во липковско Матејче

