Четириесет проценти од граѓаните на Куманово на возраст над 18 години се целосно вакцинирани против Ковид-19, односно примиле најмалку две дози од вакцината, покажува неделниот извештај на Институтот за јавно здравје.
Кога ќе се земе предвид вкупната популација, меѓу кои и децата, во Куманово процентот на вакцинација е скромни 32,2 отсто.
Според податоците на Институтот за јавно здравје согласно 30.01.2022 година, во Куманово од почетокот на пандемијата позитивни биле 14.850 случаи, оздравени се 13.678 лица, а како резултат на компликации од вирусот животот го загубиле вкупно 566 лица.
Во Куманово, согласно последната статистика, активни се вкупно 606 случаи, од кои 536 се заболени само во последните седум дена.
На ниво на Македонија во последните седум дена, тестирани се вкупно 38.518 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 2,0% во однос на минатата недела.
Регистрирани сe 11.916 нови позитивни случаи од 35 градови во државата, со зголемување од 2,7% во однос на минатата недела (n=11.598).
Процентот на позитивност се движи од 22,5% до 35,8%, просечно 30,3%.
Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=6.033; 50,6%), а највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци – 1.420,7/100.000.
Никола Ивановски