Како што растат воените тензии меѓу Украина и Русија, британското Министерство за надворешни работи во понеделникот соопшти дека Велика Британија почнала да го намалува персоналот во амбасадата во Киев и членовите на нивните семејства.
Потегот на Британија уследи по одлуката на САД да ги повлечат од Украина сите членови на семејствата на дипломатите и дел од персоналот кои можеби не мора да бидат во американската амбасада во Киев. Тој потег на САД е одговор на заканата од руска инвазија.
„Дел од персоналот на амбасадата и членовите на семејството се повлекуваат од Киев како одговор на зголемените закани за руска инвазија. Британската амбасада останува отворена и ќе продолжи да ја врши основната работа“, се вели во соопштението на Форин Офисот.
„Постои опасен ризик“
Британскиот вицепремиер Доминик Рааб во неделата за Би-Би-Си изјави дека постои „многу значаен“ ризик Русија да ја нападне Украина.
Западните земји велат дека повеќе од 100.000 руски војници се распоредени на границата со Украина и дека нападите може да се случат во секое време.
Неделните интензивна дипломатија не донесоа решение за кризата, а Москва, пак, постојано ги негираше обвинувањата дека подготвува инвазија.
Киев полекувањата ги коментира како „прерано“
Чекорите што ги преземаа британските и американските власти, поврзани со повлекувањето на персоналот од амбасадите, Киев ги коментираше како премногу претпазливи и „предвремени“.
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел изјави дека Европската унија засега нема планови да ги повлече семејствата на своите дипломати од Украина.
„Ова нема да го направиме бидејќи не знаеме некои посебни причини. Но, американскиот државен секретар Антони Блинкен ќе нѐ информира“, рече европскиот комесар за надворешна и безбедносна политика пред состанокот со европските министри за надворешни работи.