Во Германија денеска се пријавени рекордни 140.160 нови случаи на Ковид-19, а извори запознаени со ситуацијата велат дека министерот за здравство предупредил дека до средината на февруари може да има најмалку 400.000 нови инфекции дневно во земјата.
Ова е бројка во рамките на оптимистичкото сценарио во кое засилувачките дози обезбедуваат многу добра заштита, изјави Карл Лаутербах, цитиран од извори на Ројтерс за време на разговорите со владините лидери.
„Во случај бустер дозата да не обезбеди доволна заштита, бројките би можеле да се искачат на повеќе од 600.000 нови инфекции дневно“, додаде тој.
Лаутербах, исто така, рече дека очекува бројот на пациенти на интензивна нега значително да се зголеми во наредните недели.
Германското Министерство за здравство сѐ уште не ги коментира овие изјави.
Во Берлин, каде стапката на инциденца (1258) е втора највисока во Германија, јавните служби, вклучително транспортот и полицијата, ги преместуваат своите активности за да се справат со зголемениот број вработени во самоизолација.
Сојузните и државните лидери во Германија во понеделник ќе разговараат за мерките за спречување на огромниот пораст на случаи на коронавирус.
Досега во Германија од Ковид-19 починале повеќе од 116.000 луѓе.