Ниски очекувања од преговорите меѓу НАТО и Русија

Сподели со своите пријатели

Претставниците на НАТО и Русија во среда ќе одржат разговори за безбедност поради кризата на источната граница на Украина, откако напредокот на слични состаноци оваа недела се покажа тешко остварлив.

Loading...

Двете страни ќе се сретнат на Советот НАТО – Русија, прв од 2019 година, во седиштето на Западната одбранбена алијанса во Брисел.

На врвот на агендата на НАТО се стравувањата дека Русија би можела да се подготви за нов упад на украинска територија, слично на анексијата на полуостровот Крим во 2014 година.

Десетици илјади руски војници беа распоредени во близина на границата во последните месеци.

Москва, пак, се очекува да ги постави своите безбедносни барања.

Русија сака гаранции дека НАТО нема да се прошири понатаму на исток, дека ќе ги намали своите сили и оружје во Европа и дека Украина никогаш нема да се приклучи на НАТО – што е главната црвена линија за Алијансата и нејзиниот близок партнер Киев.

Очекувањата од разговорите во среда се мали, но НАТО се надева дека ќе ја вовлече Москва во континуиран дијалог и ќе спречи воена ескалација.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, оваа недела изјави дека договорот за нови состаноци ќе биде добар исход.

Loading...

Средбата уследи по американско-руските разговори во Женева во понеделникот, кои двете страни ги опишаа како конструктивни, но не дадоа конкретни резултати.

НАТО истиот ден одржа разговори со Украина во Брисел за да се подготви за средба со Русија во среда.

САД и нивните сојузници се заканија со санкции во случај на инвазија. Москва вели дека нема планови за агресија.