Расте бројот на тестирани за коронавирус во Центарот за јавно здравје Куманово, соопштија денеска надлежните од јавната здравствена установа.
Претпладнево се тестирале над триесетина пациенти преку „Мој Термин“ и околу 100-тина приватно, што е зголемување на бројот на тестирања во однос на деновите пред Нова година.
– Податоците се обработуваат, сè уште ги немаме конечните резултати, но според првичните обработени секој трет од тестираните преку „Мој термин“ е позитивен. Пред Нова година имавме помалку од дваесетина тестирања, состојбата беше постабилна. Наредниот период очекуваме зголемен број на тестирања – изјави директорот на ЦЈЗ Куманово, д-р Ариф Љатифи.
Тој додава дека Центарот има капацитет дневно да се тестира помеѓу 200 до 300 граѓани и најави дека доколку има потреба ќе се воведе двосменско работење на пунктот за да се излезе во пресрет на кумановци.
– Имаме соодветен кадар, опрема, ако има потреба без проблем ќе воведеме втора смена – изјави д-р Љатифи.
Според последната статистика во Куманово изминатото деноноќие има 38 нови позитивни лица.