Граѓаните на Куманово кои по прославата на Новата година утринава мораа да се вратат на работа со тешка мака пристигнаа до работните места, бидејќи од денеска не функционира јавниот градски превоз.
Причината лежи во истечените дозволи на превозниците на општинскиот линиски превоз, кој сѐ уште не е објавен бидејќи тендерската постапка не е завршена.
Работниците утринава на работните места мораа да одат со такси, до кое тешко се доаѓаше, а дел од сопствениците на компаниите сами ги превезуваа своите вработени.
Без подетално објаснување од општината преку својот веб сајт ги информираа граѓаните дека линискиот превоз ќе биде во прекин од првиот ден годинава.
– Ве известуваме дека од 01.01.2022 година поради истек на важноста на дозволи на превозниците за општински линиски превоз на патници на подрачјето на Општина Куманово, ќе престане да се одвива јавниот превоз се до завршување на постапката објавена со оглас за уредување на општински линиски превоз на патници на подрачјето на Општината, бр.08-9194/2 од 14.12.2021 година, објавен од страна на градоначалникот на Општина Куманово, стои во соопштението.
Порталот Кумановски Муабети, како и останатите медиуми од градот, денеска се побараа изјава од некој од надлежните во општината, но како што информираа од таму, комисиите и секторите надлежни за превозот, од рано утринава заседаваат и се обидуваат да изнајдат решение на проблемот.
Никој не сакаше да даде изјава за медиумите кои денеска беа во општината. Неизвесно е дали до крајот на денот воопшто ќе се изнајде решение на проблемот.
Никола Ивановски