Кинез, кој бил киднапиран пред 30 години, ја пронашол својата биолошка мајка откако од сеќавање ја нацртал мапата на родното село, јавува Би-Би-Си.
Ли Џингвеи имал само четири години кога со измама бил одведен од неговиот дом и продаден на шверцери на деца.
На 24 декември, тој поделил рачно нацртана мапа на апликацијата за споделување видео Douyin, а полицијата утврдила за кое село станува збор и пронашла жена чиј син исчезнал.
По ДНК тестот, тие повторно се сретнале во провинцијата Јунан во саботата.
„Триесет и три години чекање, безброј ноќи на копнеж и конечно мапа извлечена од сеќавање, ова е момент на целосно ослободување по 13 дена. Им благодарам на сите што ми помогнаа повторно да го најдам моето семејство“, напиша Ли на својот профил Дујин пред средбата.
Киднапирањата на деца не се невообичаени во Кина, општество кое многу го цени раѓањето на син.
Многу деца се киднапирани кога се мали и се продаваат на други семејства.
Во 2015 година, се проценува дека секоја година се киднапирани речиси 20.000 деца, пишува Би-Би-Си.