Новогодишна ноќ во Куманово помина мирно, соопштија денеска надлежните институции, општата болница и итна помош Куманово. Не се евидентирани никакви позначителни, освен тековите интервенции. Во болницата сè уште не е родено првото бебе, што се случува втор пат во Куманово, лани и сега.
Надлежните од кумановската болница информираат дека на интерното одделение за време на новогодишната ноќ помош поради интоксикација со алкохол побарале шест лица, од кои тројца помлади, тројца возрасни граѓани.
– По пружената помош, сите се пуштени на домашно лекување-изјави директорката на болницата, Снежана Захариева.
Останатите интервенции на ова одделение биле тековни, пациентите барале помош за висок притисок, проблеми со кардиоваскуларни заболувања.
Лекарите од хирургија околу пет часот утрово, пружиле помош на млади кои побарале помош поради контузии и повреди здобиени од тепачка.
Останатите интервенции на одделенијата во кумановската општа болница биле вообичаени.
– Посакуваме здравје, пред сè, успех на сите во Новата 2022 година-честиташе Захариева.
Од МВР информираат дека за време на новогодишната ноќ се случиле четири сообраќајни несреќи во кои била предизвикана само материјална штета.