Вкупно две милијарди 129 милиони денари или 34 милиони евра ќе изнесува Буџетот на Општина Куманово за 2022 година кој доцна попладнево го изгласаа советниците со 25 гласови „за“ и 4 „против“.
Според раководителката на Секторот за финансии при Општина Куманово Ирена Илиевска, буџетот за 2022 година ќе биде развоен.
– Овој буџет е во вкупен износ од две милијарди 129 милиони денари, од кои основниот буџет што се приходи сопствени на општината се 886 милиони денари, што значи дека овој буџет во однос на минатата година кога изнесувале 682 милиони денари значи е покачен за 214 милиони денари, па така овој буџет не може да биде копиран од било кој претходен, овој буџет е многу поголем и со многу покрупни проекти во однос на сите претходни буџети, појасни Илиевска.
Покачувањето на основниот буџет според Илиевска се должи на повеќе причини, меѓу кои и добрата реализација во претходните три години.
– Ззнаете дека се зема просекот кој што го остварила општината од сопствените приходи и тој просек се зголемува за 30 отсто согласно Законот за финансирање на единици на локална самоуправа така да во претходната година општината собра многу повеќе средства од што планираше, па поради тоа гледате дека овој буџет има дефицитарно финансирање. Ова дефицитарно финансирање значи дека општината од 2021 до 2022 година пренесува само сопствено салдо од сопствени приходи 180 милиони денари, тоа се приходи што општината ги собрала по однос на даноци и такси и други надоместоци кои ѝ следуваат согласно одредени закони, рече Илиевска.
Во буџетот за следна година покрај тие 180 милиони денари, како што појасни Илиевска, ќе се пренесат и средства кои локалната самоуправа ги добила од Владата за реконструкција на Соколана, Спортската сала и гасификација на одреднеи објекти, проекти за кои тендерите се веќе распишани и тие пари ќе се потрошат уште во почетокот на 2022 година.
Што се однесува на расходната страна, како што вели Илиевска, минатата развојна програма изнесувала само 17 милиони денари, додека онаа за годината што доаѓа ќе „тежи“ високи 150 милиони денари.
– За водоводна мрежа во Општина Куманово има издвоено средства и тие се составен дел на развојната пргограма, има дел за фекална и атмосферска канализација и тоа севкупно во износ од 35 милиони денари. Минатата година за оваа намена се издвоени 2,5 милиони денари, појасни раководителката на Секторот за финансии.
Во расходите, како што појасни Илиевска, влегуваат и расходите на јавните претпријатија и програмата за ЈП „Чистота и зеленило“, заедно со „Куманово план“ и „Куманово Паркинг“ чии програми беа претходно усвоиени.
– Во составен дел на расходната страна се и тековни трошоци кои се поврзани со функционирање на општонската администрација започнувајќи од платите и другите комунални услуги кои се потребни за да функционира општината, изјави таа.
Со 25 гласови за, четири против и без ниту еден воздржан советник, беше донесен Буџетот, притоа без поголема дебата од советниците.
Никола Ивановски