Предновогодишната еуфорија можеби му недостасува на Куманово, но сообраќајниот хаос сигурно не.
Од утро до мрак, а особено во попладневните часови, сообраќајниците во градот се преполни со автомобили. Овој проблем е особено присутен последните неколку дена откако голем број македонски граѓани кои работат или се на привремен престој во странство се вратија во државата, но и голем дел од граѓаните се подготвуваат за празниците.
Забележително е и зголемено присуство на сообраќајната полиција која се обидува да го контролира хаосот и да обезбеди непречен проток на возилата.
Од Секторот за внатрешни работи Куманово за Кумановски Муабети велат дека континуирано се преземаат мерки и се спроведуваат зајакнати акциски контроли за санкционирање на возила и возачи кои не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.
– Покрај дневните контроли за санкционирање возачи кои управуваат возила со брзина поголема од дозволената, кои управуваат со возило под дејство на алкохол или оние кои непрописно престигнуваат, се врши и снимање со т.н. „ноќен радар“ за санкционирање на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. Меѓу другото, полициските службеници се распоредени на терен и согласно своите законски надлежности преземаат соодветни мерки доколку се случи сообраќаен метеж, велат од кумановската полиција.
Од СВР Куманово потсетуваат дека засилените контроли ќе продолжат и упатуваат апел до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да се зголеми безбдноста во сообраќајот.
Според градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски, сообраќајниот метеж во градот е рак рана. Има инфраструктура изградена кога градот имал 7.000 возила, а денеска има регистрирани 28.000.
– Во минатото не секој имаше возило, сега најмалку едно, а можеби и повеќе. Таа е сообраќајната инфраструктура не може да се смени преку ноќ. Дополнително се обидуваме таму каде што има простор да изградиме нови паркинг места, но сообраќајот претставува и константни навики на сите нас што учествуваме во сообраќајот. Доколку не ги паркираме своите возила кај ќе стигнеме и многу повеќе се ориентираме на движење, особено оние кои живеат во централно градско подрачје и некористење на моторни возила, тогаш ќе имаме и помал сообраќаен метеж, вели градоначалникот.
Инфраструктурата, вели Димитриевски, дополнително е оптеретена со доаѓање на нашите граѓани што живеат и работат во странство, но и гравитирање на возила од соседната општина Липково.
– Дополнително со доаѓање на нашите сограѓани кои работат во странство се оптеретува инфраструктурата. Имаме и сосдени општини како што е Липково која секојдневно гравитира на територија на Општина Куманово и нејзините граѓани и регулирање на сообраќајот е исклучива надлежност на Министерството за внатрешни работи и сообраќајната полиција. Барам поактивно нивно учество и неселективен пристап при отстранување на возилата со пајак служба која ние ја даваме на услуга на МВР, а тие менаџираат, рече Димитриевски.
Димитриевски потсетува дека 2022 година ќе биде година кога ќе се направат три кружни текови и две нови паркинг локации, што треба да допринесе за справување со сообраќајниот хаос.
Сепак и покрај сите напори на надлежните, забележливо е и „дивеење“ во првата можност кога полицијата не е на видик. Пред неколку дена во сообраќајна незгода беше оштетено дрво на улицата „Моша Пијаде“, а во друга трансформатор кај градскиот плоштад. Дрвото беше отстрането од ЈП „Чистота и зеленило“, но делови од искршено возило и трансформаторот сѐ уште се наоѓаат таму.
Никола Ивановски