По стартот на новата сезона и серијата порази за кошаркарскиот тим на Куманово, управата на клубот се реши да направи промени кога е во прашање улогата на прв тренер.
Изборот падна на амбициозниот и млад стратег Владимир Мирковски кој го прифати предизвикот и во најтешкиот момент го презеде кошаркарскиот клуб Куманово откако раководството на клубот се раздели со Игор Ѓорѓиевски.
Мирковски и на почетокот на претходната сезона беше дел од „сино-белите“, но одлучи да замине и влезе во прокетот ИБА, клуб кој оваа година се натпреварува во Третата лига. Пред Куманово Мирковски во домашното првенство беше дел и од Академија ФМП и МЗТ Скопје.
Тимот под негово водство врза две победи во серија во домашниот шампионат. Атмосферата се врати, а клубот излезе и од финансиската криза.
Во пресрет на мечот со скопски Работнички поразговараме со новиот предводник на нашиот тим.
- Добре дојде назад во Куманово. Што беше пресудно пак да ја прифатиш понудата од управата на клубот ?
ВМ: – Куманово беше во кошаркарска криза и како викаат на мака се познаваат пријателите. Се вратив за да му помогнам на клубот и да извадиме максимум од оваа сезона, но и да го направиме костурот за наредната година.
- Три недели си со екипата.Неколку промени се случија во играчкиот кадар , екипата врза две победи после лошиот старт. Колку си задоволен од тоа што го имаш во тимот и дали ќе има нови играчи во иднина ?
ВМ: – Ме радува фактот што овој состав даде максимум и постигна победа и во период на финансиска нестабилност и криза . Тоа покажува дека се работи за врвни професионалци кои без оглед на се го исполнуваат својот дел од договорот .
Тимот што победува не се менува. Ни недостасува уште еден кошаркар на позиција 5 и тогаш ќе бидеме комплетни бидејќи во моментов играме со две четворки, но со голема желба во одбрана успеваме да го надополниме недостатокот во височина.
- По што ќе се разликува Куманово под водство на Владимир Мирковски и што ќе бараш од играчите ?
ВМ: – Куманово ќе игра една брза кошарка во напад и агресивно во одбраната. Кошаркарите ќе ги разликува желбата за победа и борба на секој дел од теренот.
- Што за тебе на крајот од сезоната ќе биде успех , знаејќи дека во Куманово дојде во доста незгоден момент?
ВМ: – Куманово на секој натпревар ќе оди на победа без разлика на противникот. Успех за мене е само шампионскиот пехар, а дали си осми или втор нема некоја разлика. Да го направиме костурот оваа сезона и да извадиме максимум и полека да се подготвиме за наредната сезона каде пред нашата публика во реновирана сала ќе нападнеме еден од двата трофеја – заврши во своето прво обраќање тренерот Владимир Мирковски откако дојде на местото прв тренер во К.К.Куманово 2009.