По повод 3-ти Декември денот на лицата со попреченост Јавната установа Меѓуопштински центар за социјална работа Куманово која како институција работи на обезбедување на права и услуги за лицата со попреченост согласно Законот за социјална заштита и Законот за заштита на децата информира следното
Во ЈУМЦСР Куманово кој ги опфаќа општините Куманово, Липково и Старо Нагоричане правото на посебен додаток го остваруваат 446 деца до 26 годишна возраст од кои најголемиот број 175 се со комбинирани пречи во развојот, 120 се хронично болни деца, 52 се со тешка и најтешка телесна инвалидност, а со умерена интелектулна попреченост правото го користат 57 деца. Месечниот износ на правото на посебен додаток изнесува 7,798 денари за деца од семејства на самохран родител, 6.498 денари за деца од семејства кои се корисници на гараниран минимален приход и 5.199 денари за деца од семејства кои не се во социјален ризик.
По навршување на 26 годишна возраст лицата со умерена, тешка и длабока интелектуална попреченост и лицата со потешка и најтешка телесна попреченост остваруваат право на надоместок за помош и нега од друго лице.
Вкупно 672 лица остваруваат надоместок заради попреченост кое право може да го оствари лице со навршени 26 години возраст, најдоцна до 65 годишна возраст и тоа за лицата со тешка или длабока интелектуална попреченост, со најтешка телесна попреченост и потполно слепи лица месечниот надомест изнесува 7.349 денари, додека за потполно глуво лице 4.200 денари.
Во рамките на ЈУМЦСР Куманово работи и Дневниот центар за лица со посебни потреби Куманово во кој со решение на центарот правото на дневен престој го остваруваат 24 деца.
Од Септември 2021 година започна со работа и Центар за дневен престој за лица со попреченост во с.Оризаре Општина Липково кој е прв проект кој се реализира во соработка со Општина Липково, овластен давател на услуга НВО Имаго Плус и Центарот за социјална работа.
Услугата лична асистенција успешно се реализира од 2018 со НВО Инклузива и Црвениот крст Куманово и истата опфаќа индивидуална помош и поддршка за лица од 18 до 65 годишна возраст со потешка и најтешка телесна попреченост и потполно слепи лица која ја добиваат од лиценцирани асистенти до 80 часа месечно за помош и поддршка во вршење основни инструментални активности од секојдневниот живот, помош и поддршка на работното место, образовните институции и други активности. Со измени во законот оваа услуга можат да ја користат и деца над 8 годишна возраст. Вкупно 18 лица ја користат оваа услуга.
Со процесот на деинституционализација лицата со интелектуална попреченост кои беа сместени во Заводот во Демир Капија сега користат други форми на сместување како живеење со поддршка во мали стамбени заедници со што во голема мера им се обезбедени најсовремени услови за живеење и рехабилитација.
ЈУМЦСР Куманово продолжува со посветената работа во водењето грижа за сите лица со попреченост преку информирање и упатување, советување, стручна помош и поддршка за остварување на сите права и услуги согласно позитивните законски прописи.
Интегрално соопштение: Меѓуопштински центар за социјална работа Куманово