Русија во средата ја обвини Украина дека распоредила половина од својата армија, 125.000 војници, во зоната на конфликтот Донбас во источна Украина, каде владините сили се борат против проруските сепаратисти од 2014 година.
Обвинението го упати портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, на брифинг со новинарите во Москва. Од Киев нема веднаш реакција.
Русија соопшти дека е загрижена за намерите на Украина, додека тензиите меѓу Киев и Москва се зголемуваат поради стравувањата на Западот од можен нов руски напад врз Украина, што Москва го отфрла како неосновано сеење страв.
Захарова ја коментираше и понудата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган Анкара да биде посредник меѓу Русија и Украина.
Таа рече дека понудата не се однесува на конфликтот во Донбас меѓу украинските владини сили и проруските сепаратисти, пренесува Ројтерс.