Група американски лекари, кои присуствувале на состанок против вакцинација во државата Флорида, биле позитивни на корона вирусот неколку дена по присуството на самитот.
Според извештаите на „Дејли биста“, лекарите се разболеле на почетокот на овој месец, откако присуствувале на собир на кој разговарале за алтернативни начини на лекување и заштита од Ковид.
Организаторот на собирот Џон Литл изјави дека седум лекари биле позитивни од 800-900 учесници на собирот, пренесе „Хил“.
Тој додаде дека не мисли дека конференцијата ќе стане жариште и рече дека верува оти заразените лекари се заразиле во нивните земји уште пред да дојдат на собирот.
Меѓу заразените лекари е и Брус Борос, кардиолог кој се залага за употреба на ивермектин како ефикасен третман за ковид.
– Со сопругата почнавме да земаме ивермектин пред 16 месеци. Никогаш во животот не сум се чувствувал поздрав – рекол Борос на собирот, според наодите на „Дејли биста“.
Се вели дека тој се заразил со Ковид два дена подоцна. Тој рече дека е лут што татко му (97) ја примил вакцината, велејќи дека му бил „исперен мозокот“ и додаде дека татко му починал на денот на конференцијата.
Литл изјави дека лекарите се лекуваат со ивермектин и дека „Брус се чувствува добро“.