Руската вселенска агенција Роскосмос и нареди на ракетно-вселенската корпорација Енергија да подготви проект за нова орбитална станица, пренесува Танјуг.
„Нацрт-проектот ќе биде готов за година и половина“, изјави извршниот директор на Роскосмос, Дмитриј Рогозин за каналот „Соловјов“ во живо на Јутјуб.
Според Рогозин, модулите за новата станица ќе бидат лансирани со ракети Ангара од космодромот Восточни.
Зборувајќи за лансирањето на меѓупланетарната станица Луна-25, што беше планирано за оваа година, тој рече дека ќе биде одложено за јули следната година.
Претходниот вселенски брод Луна-24 беше лансиран од поранешниот Советски Сојуз во 1976 година, а главната задача на новата мисија е да развие технологија за „меко“ слетување и да спроведе контактно истражување во регионот на Јужниот пол.
Во април, вицепремиерот Јуриј Борисов најави дека Русија ќе се повлече од проектот за Меѓународната вселенска станица (МВС) по 2025 година и ќе работи на нејзината национална станица, која треба да стане и транзитна станица за летови до Месечината.
Рогозин истакна дека управувањето со рускиот дел од ISS може да им се довери на САД.
Планирано е орбиталната сервисна станица да биде изградена до 2027 или 2028 година, со услов да нема постојан човечки екипаж, туку да ја посетуваат екипи од две до четири лица.