Жена од Аргентина стана втората личност во светот заразена со ХИВ, чиј имунолошки систем најверојатно го победил вирусот без дополнителен медицински третман.
30-годишната жена е ХИВ позитивна од 2013 година.
Научниците ја нарекоа анонимната аргентинска пациентка Есперанца (надеж) по нејзиниот роден град.
Податоците од нејзиното истражување беа објавени во Annals of Internal Medicine и тврдат дека ова откритие дава нова надеж за „стерилизирачки лек“ за околу 38 милиони луѓе кои се позитивни на ХИВ, објави NBC News.
– Уживам да бидам здрава. Имам здраво семејство, немам потреба да пијам лекови, живеам како ништо да не се случило. Тоа е веќе привилегија – изјави Аргентинката.
„Ова е навистина чудо на човечкиот имунолошки систем“, рече д-р Ксу Ју, вирусен имунолог од Институтот Рагон во Бостон, кој во соработка со д-р Натали Лауфер, научник од Институтот ИНБИРС во Аргентина, спроведе исцрпна потрага по какви било знаци на ХИВ во телото на жената.
– Сега треба да ги дознаеме механизмите. Како се случува ова? И како можеме терапевтски да го повториме тоа? – изјави д-р Стивен Дикс, истакнат истражувач кој се занимава со третман на ХИВ од Универзитетот во Калифорнија во Сан Франциско, кој не бил вклучен во студијата.
За Аргентинката не се објавени никакви информации, освен дека изгледа убаво и здраво, како и дека има ХИВ-негативен партнер и новороденче.
Друг таков случај е поврзан со жената Лорин Виленберг од Сан Франциско, за која во август 2020 година беше откриено дека го победила вирусот без медицинска интервенција.
И двете жени се сметаат за „елитни контролори“, мислејќи на ретка подгрупа пациенти со ХИВ кои не покажуваат знаци на инфекција иако не биле подложени на антиретровирусен третман.
Инаку, на лицата заразени со ХИВ им е потребна постојана терапија со лекови со цел да се спречи врзување на вирусот со ДНК на нивните имунолошки клетки и негова репликација, но осум години по дијагнозата, Есперанца земала лекови само шест месеци во текот на бременоста за да се осигура дека бебето е здраво.
Досега четворица пациенти се излечени од ХИВ, а тоа се „пациентот од Берлин“ Тимоти Реј Браун и „пациентот од Лондон“ Адам Кастил. Тие, исто така, боледувале од рак и биле подложени на ризична трансплантација на коскена срцевина од донатори со гени отпорни на ХИВ. Сепак, успехот на нивните постапки допрва треба да се повтори.