Започна скрингот за кумановските средношколци, откриен еден позитивен ученик

Сподели со своите пријатели

Започна скринингот на средношколците од повеќе училишта во Куманово, а до досега направените ковид тестови откриен е еден позитивен случај, информираа денеска надлежните од Центарот за јавно здравје.

Loading...

Скринингот утринава е започнат во СОУ „Перо Наков“, по што продолжил во Гимназијата „Гоце Делчев“ и во техничкото училиште „Наце Буѓони“.

– Ние веќе започнавме, во првата смена од училиштетот „Перо Наков“ се опфатени седум деца, Гимназијата 20 деца и сега имаме опфатено 16 деца, изјави д-р Јадранка Стаменковска, епидемиолог при Центар за јавно здравје Куманово.

Тестирањето се врши во самите училишта, каде веднаш и се добиваат резултатите, од кои сите се негативни, освен еден ученик од техничкото училиште.

– Сите резултати се негативни освен еден резултат кој добивме позитивен ученик во техничкото училиште „Наце Буѓони“. Ќе го повториме тестот со ПЦР во текот на овој ден, но сите протоколи за позитивен ученик кои се однесуваат така и ќе се почитуваат. По направена анкета ќе се прави изолација на најблиските контакти на ученикот, вели д-р Стаменковска.

 

 

Loading...

Во текот на оваа недела треба да заврши скринингот на дел од училиштата што ги покрива Центарот за јавно здравје Куманово во општините од Североистокот, вели д-р Стаменковска, која додава дека во текот на наредните денови ќе започне скринингот и на основците.

Во писмениот одговор кој до редакцијата на Кумановски Муабети го доставија од Министерството за здравство, се вели дека целта на скринингот е да се добие генерална слика за присуство на вирусот меѓу учениците.

– Резултатите од податоците од скринингот помеѓу ученици во основните и средните училишта низ државата ќе бидат презентирани во јавноста откако истите ќе бидат целосно обработени. Целта на скринингот е да се добие генерална слика на пристуство на вирусот Ковид-19 помеѓу учениците. Министерството за здравство врз основа на добиените резултати ќе информира за дополнителни мерки, доколку е потребно, за безбедност и заштита на здравјето на децата во училиштата, велат од министерството.

Тестирањето на учениците се спроведува исклучиво со дозвола на родителите.

Предвиден е скрининг на повеќе од 1.000 ученици, но согласност дале родителите на околу 730.

Никола Ивановски