Островската држава Тонга во западниот дел на Полинезија денеска го пријави првиот случај на Ковид-19, откако патник од Нов Зеланд бил позитивен.
Тонга е меѓу ретките преостанати земји во светот кои досега успеаја да избегнат епидемија на коронавирус, и како и многу од нејзините соседи, изолацијата и помогна на Тонга да остане безбедна, но сега се соочува со големи предизвици доколку вирусот се прошири поради неразвиениот здраствен систем, пренесува АП.
Блиската држава Фиџи избегна голема епидемија до април, кога варијантата на делта навлезе во синџирот острови, заразувајќи повеќе од 50.000 луѓе со најмалку 673 смртни случаи од Ковид-19.
Премиерот на Тонга Похива Туи’онето во радио обраќање рече дека патникот е меѓу 215-те кои пристигнале со лет од новозеландскиот град Крајстчрч во средата и кои престојувале во изолација во хотел во карантин.
Крајстчерч беше без вирусот со месеци до оваа недела, кога беа пријавени четири случаи во заедницата откако жител што се вратил се заразил со вирусот додека бил во Окленд, каде што епидемијата расте од август.
Здравствените власти на Нов Зеланд рекоа дека патникот од Тонга бил целосно вакциниран со вакцината Фајзер и имал негативен тест пред да замине, и најавија дека ќе работи со своите колеги од Тонга за да го потврди случајот и да обезбеди повеќе детали во наредните денови.
Министерството за здравство на Тонга соопшти дека е несреќно што информациите за случаите во Крајстчерч пристигнале по полетувањето на авионот и рече дека сите работници од првата линија, вклучително медицинскиот персонал, полицијата и персоналот на аеродромот на должност кога пристигнал авионот, исто така биле ставени во карантин, откако е потврден позитивен случај и дека сите што работат во близина се вакцинирани.
Лоциран североисточно од Нов Зеланд, Тонга има околу 106.000 жители, а според сајтот „Our World in Data“, околу 31 отсто од жителите на кралството се целосно вакцинирани, а 48 отсто примиле барем една доза.