Властите на Нов Зеланд денеска рекоа дека постепено ќе ги ублажат мерките за карантин на границите, кои се меѓу најтешките во светот за време на пандемијата Ковид 19.
Иако овие промени ќе им го олеснат враќањето дома на Новозеланѓаните кои биле заглавени во странство, официјалните лица сè уште не прецизирале датум кога повторно би можело да се дозволи туристичко патување, одлука на која веројатно ќе се чека со месеци, пренесува Ројтерс.
Министерот за одговор на Ковид-19, Крис Хипкинс, најави дека од следниот месец повеќето луѓе кои ќе пристигнат во Нов Зеланд ќе мора да поминат седум дена во хотел во карантин под контрола на армијата, што е половина од периодот што беше на сила.
Тој исто така рече дека патниците од некои нискоризични островски земји на Пацификот би можеле целосно да бидат ослободени од овој тип на карантин и да бидат изолирани дома.
Министерот рече дека новите правила се привремен чекор кој е вовед во пообемни мерки за повторно отворање, кои постепено ќе се воведуваат кога повеќе од 90 отсто од Новозеланѓаните над 12 години ќе бидат целосно имунизирани, а досега 72 отсто добиле две вакцини.
Промената дојде по зголеменото незадоволство од Новозеланѓаните кои се обидоа да се вратат дома, но не успеаја да обезбедат места во системот за карантин, па некои од нив отидоа на суд.
Хипкинс рече дека очекува дека повеќето новодојденци ќе можат да се изолираат дома некаде во првиот квартал од следната година, а прв приоритет се Новозеланѓаните и оние со валидни визи.
„Туристите се поголем предизвик затоа што тие не мора да имаат место каде да се изолираат при пристигнувањето“, рече Хипкинс.
Пред почетокот на пандемијата, повеќе од 3 милиони странски гости го посетуваа Нов Зеланд секоја година, а туризмот беше меѓу најголемите извори на странски приход во земјата.