Светската здравствена организација (СЗО) проценува дека новата работна група може да биде последна шанса да се открие потеклото на ковид -19.
СЗО покани 26 експерти да се приклучат на Научната советодавна група за потеклото на новите патогени (САГО).
Поминаа речиси две години откако вирусот беше откриен во кинескиот град Вухан, а неговото потекло сѐ уште е мистерија.
Тимот на САГО сега ќе се обиде да утврди дали вирусот се проширил од животни на луѓе или протекол од лабораторијата по несреќа.
Кина остро ја отфрла теоријата дека вирусот излегол од лабораторија.
Во февруари, друг тим на СЗО го истражуваше потеклото на вирусот во Кина и заклучи дека најверојатно потекнува од лилјаци, но дека се потребни повеќе истражувања. Тимот исто така изјави дека е „малку веројатно“ дека вирусот протекол од лабораторијата.
Меѓутоа, генералниот директор на СЗО, Тедрос Адана Гебрејесус, подоцна рече дека тимот немал пристап до сите податоци и дека кинеските власти не соработуваат.
Меѓу членовите на SAGO има шест експерти кои ја посетија Кина со претходниот тим.
Покрај справувањето со коронавирусот, САГО ќе го проучува потеклото на другите опасни патогени. „Можеме да ги спречиме идните пандемии ако разбереме од каде доаѓаат новите патогени“, рече Гебрејесус.
Тој, заедно со другите претставници на СЗО, во едиторијалот во списанието „Сајенс“ изјави дека не може да се исклучи „лабораториска несреќа“.
Директорот на СЗО за итни случаи Мајкл Рајан рече дека САГО „можеби е последната шанса да се открие потеклото на коронавирусот“.
Веста за формирање на САГО се појави откако CNN објави дека Кина се подготвува да тестира десетици илјади примероци крв земени во раните денови на пандемијата.
Кинескиот амбасадор во Обединетите нации, Чен Ксу, предупреди дека работата на САГО не треба да се „политизира“.
„Време е тимовите да бидат испратени на други места“, рече тој.

