Четвртиот бран од коронавирусот во Куманово сѐ уште не стивнува, вели денеска директорката на кумановската општа болница Снежана Захариева, која потенцира дека, сега и младите веќе не се имуни на вирусот.
Најчеста група на заболени според возраста е од 55 до 65 години, но се јавуваат и млади луѓе од 20, 30 или 40 години. Нема правило, потенцираше Захариева, додавајќи дека има пациенти и со коморбидитети, но и без нив.
Освен поголемата вирулентност, делта сојот, кој моментално е најдоминантен, го карактеризира и фактот дека ги напаѓа и помладите пациенти, од кои во болница завршуваат оние што не биле вакцинирани.
– Обично почнува со фебрилност, но имаме и афибрилни сучаи со поткашлување, затнат нос, некои се со некарактеристични симптоми, така да врз основа не само на клиничката слика, туку и лабораториските наоди и други дополнителни анализи се прави дијагноза дали станува збор за ковид, а секако со потврда од ПЦР тест. Нема она што го разликува е што буквално и помладата популација не е имуна, не само да биде позитивна туку и да развие симптоми. Дури имавме и некои случаи со баш лоша клиничка слика и ги праќавме во скопските клиники, изјави Снежана Захариева, директор на Општа болница Куманово.

Вкупно 56 пациенти се хоспитализирани во овој момент во болницата, од кои 20 на Инфективното одделение, 36 во модуларната болница, додека по терапија во дневната ковид амбуланта доаѓаат 40 пациенти.
За разлика од останатите градови во државата, вели Захариева, во Куманово нема некој драстичен пад на новозаболените и бројот на хоспитализирани пациенти.
– И од околните општини, каде пак сега има поголем наплив на пациенти, ни доаѓаат постојано особено од Кратово, Крива Паланка и другите соседни општини, но има и од Куманово. Дневна болница четириесетина пациенти, што не е мала бројка и бројот на амбулантски прегледи покажува дека сѐ уште држиме некоја висока бројка бидејќи еве само вчера 118 амбулантски прегледи, нешто контролни, нешто нови, но тоа е голема бројка, изјави директорката.
Поголемиот дел од вкупниот број хоспитализирани се невакцинирани и тоа се оние со најтешка клиничка слика. Дури 39 пациенти се на кислородна поддршка.
– Имавме во минатата недела и предминатата друи 65 до 68 на кислородна поддршка, сега е помала бројката, искрено се надевам дека ќе доаѓаат луѓе со малку поблага клиничка слика. Грото се невакцинирани, некои од нив чекале да развијат потешки симптоми па се јавиле на преглед, некои биле третирани во домашни услови, но заради влошување на состојбата се донесени тука. Оние што се со најтешка клиничка слика се трансферираат на повисоко ниво, изјави Захариева.

Захариева потенцираше дека има доволен персонал и слободни болнички легла. Проблем ќе се јави кон средината на следниот месец кога дел од лекарите кои сега се ангажирани во ковид центарот треба да започнат специјализација.
Со цел да не останат пациентите незгрижени и да се јави недостаток на медицински персонал, ќе се упати барање до Министерството за здравство и Деканатот на Медицинскиот факултет да се пролонгира рокот додека не заврши четвртиот бран.
Никола Ивановски

