Мајкрософт го одложи враќањето на работниците во канцеларии

Сподели со своите пријатели

Американската технолошка компанија Мајкрософт им рече на своите вработени да го одложат враќањето во канцелариите во САД на неопределено време додека не биде побезбедно што се однесува до пандемијата.

Loading...

„Со оглед на неизвесноста околу „Ковид-19“, ние се откажавме од обидот да предвидиме нов датум за целосно отворање на нашите канцеларии во САД“, напиша Џаред Спатаро, потпретседател на компанијата во блог пост.

Мајкрософт веќе го одложи планираното враќање на работа во канцеларија од септември на „не пред 4 октомври“, но сега наведува дека повторното отворање нема да се случи следниот месец.

Компанијата вработува околу 181.000 луѓе, од кои 103.000 се во САД.

Мајкрософт ќе чека инструкции од службениците за јавно здравје за безбедно враќање, рече Спатаро. Потоа ќе им даде на вработените 30-дневен преоден рок да се подготват.

Минатиот месец, Мајкрософт рече дека ќе побара доказ за вакцинација од сите вработени, продавачи и посетители на своите простории во САД, почнувајќи од оваа есен.

Технолошкиот гигант направи големи напори од почетокот на пандемијата да ги прилагоди своите софтверски производи за работното место на вработените кои работат од дома, и заедно со оваа објава за одложување на враќањето во канцелариите, претстави голем број карактеристики на нови производи.

Хибридниот пристап што ќе им овозможи на вработените да ги мешаат работењето на далечина и канцелариското работење е широко прифатен во технолошката индустрија, особено меѓу најголемите компании со највисоки плати.

Loading...

Многу технолошки компании имаа планови да ги вратат вработените во просториите на почетокот на септември, но Apple, Google, Facebook, Amazon и се поголем број други веќе одлучија да почекаат до следната година.