Земјите – членки на ЕУ се решени да спречат неконтролирана миграција од Авганистан откако Талибанците ја презедоа власта над земјата, се наведува во нацрт -изјавата подготвена за состанокот во вторник.
Владите на ЕУ се желни да избегнат повторување на приливот на мигранти од 2015 година, поради што блокот беше неподготвен и поделен, зголемувајќи ја јавната поддршка за екстремно десничарските партии, бидејќи бегалските кампови во Грција, Италија и други земји станаа преполни.
„Врз основа на научените лекции, ЕУ и нејзините земји-членки остануваат решени да работат заедно за да спречат неконтролирана илегална миграција од големи размери со која се соочија во минатото“, рекоа на средбата министрите за внатрешни работи на ЕУ, според нацрт-соопштението до кое дојде Ројтерс.
Таа позиција беше обелоденета бидејќи агенцијата на ОН за бегалци, УНХЦР, предупреди дека до половина милион Авганистанци можат да ја напуштат својата татковина до крајот на годината.
Илјадници Авганистанци беа евакуирани во огромниот воздушен мост што го започнаа западните сили по освојувањето на талибанците на главниот град Кабул на 15 август.
На утрешниот итен состанок во Брисел, министрите на ЕУ ќе го повторат ветувањето на блокот дека ќе обезбеди повеќе пари за Авганистан, како и за околните земји, иако доставата на помошта стана покомплицирана откако Талибанците ја презедоа власта, рекоа претставници на ЕУ.
„ЕУ, исто така, треба да ја зајакне поддршката за земјите во непосредното соседство на Авганистан за да се осигура дека оние на кои им е потребна добиваат соодветна примарна заштита во регионот“, рекоа министрите, според нацртот.