Ќе има последици ако до 31 август не заврши евакуацијата, предупредуваат Талибанците

Сподели со своите пријатели

Доколку Америка и Велика Британија побараат дополнителен рок за евакуација, одговорот е не. Тоа е црвената линија, изјави портпаролот на екстремистите, Сухаил Шахен.

Талибанците остро им се заканија на САД и западните земји дека нема да дозволат продолжување на рокот за евакуација од Кабул и дека, во спротивно, ќе има последици.

Американскиот претседател Џозеф Бајден постави рок до сите американски војници, како и американски државјани и нивните соработници, да се повлечат од Авганистан до 31 август, но британските воени извори велат дека ќе бидат потребни најмалку уште две недели за сите да се евакуираат.

Предадена доверба

Станува збор за најмалку 65.000 луѓе, државјани на западните земји и Авганистанци кои тесно соработувале со меѓународни организации и чии животи ќе бидат загрозени под власта на Талибанците.

Околу 28.000 луѓе се евакуирани во последната недела откако Талибанците ја презедоа контролата врз главниот град Кабул.

Портпаролот на талибанците Сухаил Шахен, како што објави Дејли Меил, предупреди дека „ќе има последици“ доколку западните земји останат на територијата на Авганистан по 31 август.

– Тоа е црвена линија. Претседателот Бајден најави дека ќе ги повлече сите воени сили до 31 август. Ако го продолжи тој рок, тоа значи дека ќе ја продолжи и окупацијата, за која нема потреба. Доколку САД и Велика Британија побараат дополнителен рок за евакуација, одговорот е – не. Во спротивно, ќе има последици. Тоа ќе создаде недоверба меѓу нас. Ако одлучат да продолжат со окупацијата, тоа ќе ја предизвика нашата реакција – рече тој.

Шахен, исто така, изјави дека огромното мнозинство не го напушта Авганистан затоа што се плаши, туку дека тие се чисто „економски мигранти“, и покрај сцените видени на аеродромот во Кабул.

– Лажните вести се наводи дека училиштата за девојчиња се затвораат и дека одиме од врата до врата барајќи ги оние што работеле за поранешната влада. Жените нема да изгубат ништо. Само ако не носат хиџаб. Жените мора да носат хиџаб, ќе ги имаат сите права како и во другите земји, само со хиџаб.

Бајден за преговорите

Да потсетиме, Бајден рече дека претставниците на Пентагон се надеваат дека евакуацијата нема да мора да се продолжи:

– Претпоставувам дека ќе има преговори за тоа до каде сме во целиот процес. Нашиот прв приоритет е да ги извлечеме сите американски државјани од Кабул што е можно поскоро и што е можно побезбедно. Сите Американци кои го сакаат тоа ќе си одат дома, рече тој.

Британското министерство за одбрана објави дека британските војници ќе останат во Кабул се додека американските војници што го обезбедуваат аеродромот се таму и дека нивната мисија е клучна за евакуација.